Ончев: Би се вратил во Вардар, таму пораснав и како играч и како личност

Екипата на Работнички игра во одлична форма во последниот период, а двете победи против Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер донесоа уште подобра атмосфера во екипата.

Тренерот Стојан Петрушевски има причина за да биде задоволен особено откако тимот се избори за ситуација во која е близу до плеј-оф.

Со доаѓањето на Тоше Ончев тимот доби на искуство и доби ракометар кој сигурно ќе има што да покаже уште во следниот период. Со него тимот е далеку поконкурентен, а дека е големо засилување се виде и од последните неколку натпревари.

И самиот Ончев потврдува дека работите одат во добар правец и дека можат да направат уште повеќе во текот на оваа сезона.

„Кога дојдов од Грција беше навистина тешко. Клубот беше во лоша ситуација со голем број на порази, но благодарение на тренерот Петрушевски работевме добро и резултатите излегоа на виделина. Формата ни оди во нагорна линија и тоа е добро за нашиот тим“, вели Тоше Ончев за 24 Ракомет.

Во однос на својата форма вели дека е задоволен, но дека не се чувствува како лидер бидејќи се работи за колективен спорт.

„Тоа што сум постигнал 11 гола на еден натпревар не ме прави и лидер во екипата. Ракометот е колективен спорт, не се работи за пинг-понг или тенис. Затоа мора секој да го даде својот придонес. Кога сите даваат свој придонес тогаш тоа носи резултат“.

Работнички е млада екипа, но успеа да го крене нивото на квалитет и почна да игра сè подобро. Последните две победи против Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер практично овозможија да се покаже дека може и против оние кои се во врвот на групата.

„На овие два натпревари пресуди волјата и желбата да дојдеме до победа. Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер можеби поквалитетни на имиња, но имавме поголема желба и волја на теренот. На овие два дуели едноставно победи тимскиот дух“.

Овие победи ги креваат апетитите, а воедно покажаа дека Работнички може повеќе од битката за опстанок.

„Играме во посилната група во Супер лигата. Сепак, сметам дека после овие две победи имаме шанси за да се палсираме во плеј-офот. Ни следува дуел против Прилеп и на тој натпревар одиме на победа. Против екипите на ГРК Тиквеш и Младост ќе играме исто така на победа и мораме да победиме на трите средби доколку сакаме во плеј-офот“.

Покрај овие три ривали, Работнички го пречекува и Металург и тоа ќе биде интересна средба а која сигурно ќе има што да се види од момците предводени од Стојан Петрушевски.

„Сигурно е дека ќе одиме на победа и против Металург. Се работи за искусен тим кој игра во Европа и кој има искусни ракометари. Сепак, ние ќе имаме што да покажеме“.

Со оглед на тоа што Ончев играше во Вардар во времето кога Раул Гонзалес беше тренер, интересно е размислувањето околу тоа дали би можел да се врати одново меѓу „црвено-црните“.

„Денеска веќе добив повици дека во паузата би можел одново да станам дел од екипата на Вардар. Ми се јавија многу роднини и пријатели кои ми честитаа. Што е до мене јас сакам да се вратам во Вардар. Тоа е мојот матичен клуб во кој израснав како играч и како личност и секако би ми било драго одново да играм таму“, коментираше Ончев за 24 Ракомет.

Засега тој е играч на Работнички и ракометар од кој зависат многу работи на теренот во овој тим. Редовно е меѓу најефикасните така што може да се очекуваат уште подобри игри од него во следниот период кога ќе се одлучува за место во плеј-офот.