Олсен со десет гола го водеше ГОГ до победа над Висла Плоцк

Ракометарите на ГОГ по триумфот во Полска над Висла Плоцк од 30:26 ја запишаа втората победа во Лигата на шампионите. Висла Плоцк по две одиграни кола останува без бодови.

Првото полувреме меѓу полскиот вицепрвак и данскиот шампион беше проследено со многу пресврти, подеми и падови кај двата табора. Висла Плоцк беше екипата, која што прва се одлепи на поголема предност од еден гол и од 4:4 стигна до 6:4. На моменти Алиловиќ знаеше да одбрани, во нападот расположени беа речиси сите играчи, па така домаќинот во 10-та минута имаше и 8:5.

Предноста на Висла Плоцк бргу беше стопена, бидејќи клубот од Гудме кон средината на првиот дел се врати во игра, израмни на 9:9. Во последните петнаесетина минути имаше голема борба, секој напад беше важен, но ниту една од двете екипи не можеше да направи исчекор. ГОГ во 20-та минута го презеде водството и во уште неколку наврати имаше минимална предност од еден гол. По 30 минути игра, резултатот беше нерешен, 13:13.

ГОГ добро го започна вториот дел и до 45-та минута водеше со еден до два гола разлика. Сепак, кризата во тимот на ГОГ, кој речиси седум минути беше без реализација, целосно ја искористи Висла Плоцк. Ракометарите на Хавиер Сабате во 48-та минута изамнија на 19:19 останувајќи во игра за освојување на бодовите.

Исто како во првиот дел, и во финишот од вториот дел само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од неизвесниот дуел. Данскиот шампион во последниот период од 23:23 дојде до 25:23, имаше и плус три, 26:23, и не му дозволи на домаќинот да има било какви шанси за камбек.

Најефикасен во победничката екипа беше Мортен Олсен со десет погодоци. Кај Висла Плоцк прво име беше Михал Дашек со пет реализации.