Од Мешков смируваат: Нашата финансиска конструкција е стабилна, нема место за паника

Главниот спонзор на белорускиот шампион Мешков Брест се соочува со проблеми откако против главните менаџери на компанијата беа поднесени кривични пријави. Во случајот се приведени 15 лица, меѓу кои високи менаџери од „Белгазпромбанк“, како и поранешни вработени кои сега работат во други компании. Лицата се теретат за перење пари и затајување данок.

„Белгазпромбанк“ е главен спонзор на белорускиот првак, но барем засега за овој случај не сакаат да зборуваат многу во јавност и велат дека финансиската ситуација е стабилна.

„Мешков Брест има стабилна финансиска конструкција, ние ги исполнуваме на време сите обврски кон играчите и вработените, нема место за паника. Живееме во реалноста и набљудуваме од страна“, вели спортскиот директор Павел Башкин за рускиот „Брз Центар“.

Според раководителот на секторот за борба против криминал во Белорусија приведените самоиницијативно враќаат дел од средствата кои ги присвоиле незаконски. Покрај тоа за време на истражните активности одземени се средства во износ од повеќе од 4 милиони долари, како и хартии од вредност во износ од 500.000 долари.

Докази за вмешаност во кривичното дело има и за поранешниот директор на банката, Виктор Бабарико, кој се кандидира за претседател на Белорусија. Банката „Белгазпромбанк“ е главен спонзор на Мешков Брест, а беше спонзор и на традиционалниот турнир кој секое лето се одржува во Брест, но оваа сезона нема да се игра.