Од Вардар во Битола – Димитар Димитриоски потпиша за Еурофарм Пелистер 2

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 за новата сезона ангажираше уште едно засилување. Станува збор за Димитар Димитриоски, кој ќе ја покрие средната бековска позиција која беше испразнета по заминувањето на Јован Талевски.

Димитриоски ги мина сите младински категории во Металург, беше дел и од првиот тим, а последните две сезони настапуваше за двократниот европски шампион Вардар.

Во „црвено-црниот“ тим дојде Јан Чувара, па Димитриоски реши да ја промени средината и да се пресели во Битола. Таму ќе има нова улога и наместо на левата крилна ќе игра на средната бековска позиција. Тоа не е новост за Димитриоски, кој во Автокоманда играше и како плејмејкер.

Покрај Димитриоски, во тимот на Јовиќ дојдоа и Благојче Трајкоски, Милан Ѓукиќ, Мартин Табаковски, Андре Буторац и Цветан Кузманоски, па битолчани ќе се обидат да го повторат ланскиот успех, кога влегоа во плеј-офот.

Подготовките на Еурофарм Пелистер 2 ќе се одвиваат во три фази – во Битола, во Маврово и повторно во Битола кога ќе бидат одиграни пријателските натпревари и екипата ќе игра на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп.