Од Асобал во Суперлига: Охрид го бара Костадин Петров!

Македонскиот кружен напаѓач, Костадин Петров, ја заврши првата сезона како интернационалец во шпанската Гвадалахара. Тој имаше одлична сезона, голема минутажа и заедно со соиграчите му го донесоа седмото место на тимот во Асобал лигата.

Сепак и покрај тоа клубот го намалува буџетот и реши да не им понуди нови договори на најдобрите играчи.

Петров ќе бара нова средина, а на негова адреса веќе почнаа да пристигнуваат понуди. Покрај оние од странство, има опција и за камбек во Македонија, а тимот на Охрид е меѓу првите што сака да го види во своите редови.

Тимот на Раде Стојановиќ остана без Кристијан Анастасовски, кој заминува во францускиот Анже, па охриѓани мора да бараат негова алтернатива за битките кои им претстојат наесен на домашно, а можеби и на европско тло.