Од Алпла Хард порачаа: Шансите за групна фаза постојат, само треба да ги искористиме

Австрискиот вицепрвак Алпла Хард по Еурофарм Пелистер 2, повторно ќе се надигрува со македонски тим во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.

Спортскиот директор на австрискиот тим, Томас Хуемер, вели дека шансите за групна фаза постојат, само треба да се искористат.

„Откако го минавме првото квалификациско коло против Еурофарм Пелистер 2, ќе направиме се што можеме успешно да го завршиме и второто квалификациско коло против Бутел Скопје. Пласман во групната фаза во Лигата  на Европа би бил апсолутен врв. Добро се подготвивме за дуелот со Бутел Скопје и интензивно го анализиравме видео материјалот што ни е на располагање. Македонскиот тим има три победи од четирите досега одиграни натпревари. Многу сме возбудени за утрешниот директен дуел и со нетрпение го очекуваме овој натпревар. Шансата за пласман во групната фаза постои и ние дефинитивно сакаме да ја искористиме. Се надеваме на добар натпревар за да ја отвориме вратата за групната фаза“, изјави Хуемер.

Натпреварот меѓу Алпла Хард и Бутел Скопје се игра утре од 18:45 во салата „Покрај езерото“ во Хард.