Овче Поле освои златен бод, но ќе чека услуга за плеј-оф

Ракометарите на Овче Поле на свој терен одиграа нерешено против Младост Богданци 24:24 во натпревар од Првата лига.

Тимот од Свети Николе за да оди во плеј-офот од прволигашката конкуренција ќе чека пораз на Шампион во дуелот со Македонија Ѓорче Петров.

Домаќинот во најголемиот дел од денешниот дуел беше во резултатска предност, додека екипата од Богданци се врати во игра во второто полувреме и го направи натпреварот неизвесен.

Овче Поле се наоѓаше пред победа откако во финишот влезе со предност од 24:23, но гостите преку Чрчев израмнија на 24:24. Двете екипи не реализираа во неколку напади, гостинот промаши и пенал, па така дуелот заврши без победник.

Најефикасни во редовите на Овче Поле беа Борјан Цековски, Игор Павловски и Марио Даскалов со по пет реализации.

Во таборот на Младост, кој денес настапи со само една постава, се истакнаа Антонио Николоски со седум и Душан Каркалашев со пет погодоци.