Норвешка се откажа – Европското првенство ќе се игра само во Данска!

Норвешката ракометна федерација денеска објави дека нема да може да биде организатор на следното Европското првенство од 3 до 20 декември.

ЕХФ и даде рок на Норвешка до денеска да се изјасни дали прифаќа строгите мерки да ги „олабави“ за да бидат исти со оние во Данска, но тамошните власти решија дека тоа не е можно.

Ова беше најавено уште од поодамна, но дури денеска беше официјализирано, па со оглед на тоа што нема доволно време, сигурно е дека нема да се бара нов организатор, туку двете групи од Норвешка се „селат“ во Данска.

Групите што требаше да се играат во Трондхајм, најверојатно ќе се играат во данскиот град Колдинг, додека преостанатите две групи ќе се играат во Хернинг.