Норвежанките се загреаја за Олимписките игри, ја прегазија Унгарија

Репрезентацијата на Норвешка имаше одлична генералка пред стартот на ракометниот турнир на Олимписките игри во Токио откако ја совлада Унгарија со 32:22.

Селекцијата на Норвешка доминираше на натпреварот така што успеа да покаже дека влегува оправдано како главен кандидат за златото на Олимпијадата.

„Во првото полуврме ракометарките од Норвешка беа многу побрзи и поагресивни од нас што доведе до голема разлика во резултатот. Направивме и многу грешки. Добро е што се запознавме со салата каде што ќе се играат натпреварите на олимпискиот турнир. Беше важно да се спроведе овој спаринг, па верувам дека ќе биде далеку подобро на официјалните натпревари“, коментираше селекторот на Унгарија, Габор Елек.

Натпреварите во женска конкуренција на Олимписките игри почнуваат в недела. Норвешка првиот натпревар го има од 9:15 часот против селекцијата на Јужна Кореја, додека од 14:30 на терен излагаат репрезентациите на Унгарија и Франција.