Нов предизвик за Зоран Кастратовиќ – ќе биде тренер на Слобода Тузла

Црногорскиот стратег Зоран Кастратовиќ во новата сезона ќе има нов предизвик во тренерската кариера. Според информациите на 24Ракомет, Кастратовиќ ќе го преземе босанскиот тим Слобода Тузла.

Кастратовиќ во минатата полусезона беше тренер на составот на Пролет и на тимот му го донесе најголемиот клупски успех со освојувањето на третото место во Суперлигата и пласманот во Лигата на Европа.

Иако имаше шанси да остане во Пролет, соработката не беше продолжена, па некогашниот селектор на женската репрезентација на Македонија и машките на Иран и Црна Гора, се сели во Босна и Херцеговина.

Слобода Тузла минатата сезона го освои четвртото место во првенството и избори место во Европскиот Куп.

Кастратовиќ во досегашната тренерска кариера ги водеше Беране, Сутјеска, Ел Џаиш, а седеше и на клупите на Вардар, Металург и Пролет во Македонија.