Нов пивот во Вардар – доаѓа Русинот Павел Андреев

Тимот на Вардар полека го комплетира играчкиот ростер за наредната сезона, а по Цехте, Анѓелиќ и Дуарте, четврто засилување ќе биде рускиот репрезентативен кружен напаѓач Павел Андреев.

Андреев има 29-години (194/105), доаѓа од рускиот шампион Чеховски Медведи, каде што игра од 2006 година, но од 2014 во првиот тим, а потекнува од Санкт Петербург. За националниот тим на Русија настапува од 2019 година и беше дел од две ЕП и две СП.

Во сезоната 2019/20 беше избран за најдобар дефанзивец во руската Суперлига, а со Чеховски Медведи досега има освоено 7 шампионски титули, 4 во Купот на Русија и 7 во Суперкупот.

Андреев шест сезони беше дел од Лигата на шампионите со рускиот првак, а последните две играше во Лигата на Европа. Минатата сезона даде 30 гола, додека актуелната сезона, во групната фаза на осум меча постигна 15 погодоци.

Вардар оваа сезона на позицијата кружен напаѓач ги има капитенот Стојанче Стоилов, Жереми Тото, Патрик Валчак и Костадин Петров. Тото и Валчак заминуваат во Нант, односно Спортинг Лисабон, а Андреев е првото ново име на позицијата пивот.

Вардарци го освоија Купот на Македонија во Кавадарци, а до одбрана на шампионската титула остануваат уште два меча против Бутел Скопје и Тиквеш, на кои мора да забележат триумф.