Нов малер за Лауге, во опасност доведен настапот на ЕП?

Унгарскиот вицепрвак Веспрем најмалку до крајот на месец ноември ќе настапува без Расмус Лауге.

Данецот во натпревар од Лигата на шампионите против Динамо Букурешт во 38. минута заработи повреда на скочниот зглоб. Времето за опоравување според направените анализи ќе биде четири до пет недели, а можеби и подолго.

Ракометарот на Веспрем минатата година се здоби со повреда на лигаментите и поради тоа мораше да биде надвор од ракометните терени во вториот дел од сезоната. Поради повредата, Лауге го пропушти Светското првенство во Египет кое се одржуваше во месец јануари.

Тренерот на Веспрем, Момир Илиќ за следните натпревари од Лигата на шампионите и домашниот шампионат на левата бековска позиција ќе комбинира со Петар Ненадиќ и Патрик Лигетвари.

Лауге ќе ја пропушти ЕХФ неделата и дуелите на Данска од Златната лига, а би можел и да го пропушти Европското првенство во Унгарија и Словачка, доколку навреме не влезе во посакуваната форма.

Данска е ривал на Македонија на ЕП, покрај Словенија и Црна Гора.