Новиот суперлигаш од Кисела вода прво на тестирање, па на подготовки

Дебитантот во Супер машката лига, Јуниор Кисела вода и понатаму е на одмор, а очекувањата се да се почне со тренинзи од вторник кога е закажан првиот собир. Тренерот Благојче Весиќ на располагање би требало да ги има сите ракометари и да почне со тренинзите во комплетен состав така што ќе може од старт да почне со планираното.

Првите тренинзи како и кај сите други ќе мора да бидат на отворено, па потоа ќе се види како ќе течат подготовките.

„Почетокот на подготовките го закажавме за 4 август. Ќе тргнеме со тренинзи на отворено како што налага протоколот. Потоа ќе почнеме постепено да влегуваме и во сала. Имаме гаранција од салата Круме Кепески дека ќе се испочитуваат сите протоколи така што ќе можеме без проблеми да работиме“, вели тренерот на Јуниор Кисела вода, Благојче Весиќ.

Тој потенцираше дека на првиот тренинг ќе ги имаат и интернационалците.

„Ќе стартуваме во комплетен состав. Сите ракометари ќе бидат на првиот тренинг вклучувајќи ги и интернационалците. Тие согласно правилата мора да направат тест барем 72 часа пред да влезат во Македонија и денеска или најдоцна утре ќе ја завршат оваа обврска така што ќе дојдат во Македонија со направен тест за Ковид 19“.

Што се однесува до ракометарите од Македонија нема да биде ништо препуштено на случајот односно ќе се направат тестови на почетокот на подготовките.

„Сакаме да сме на чисто и да можеме да почнеме со работа знаејќи каква е здравствената состојба на сите играчи. Пред стартот на тренинзите ќе имаме направено тестови и ќе знаеме каква е ситуацијата кај сите ракометари со коронавирусот“, коментираше Весиќ.

Инаку, екипата на Јуниор Кисела Вода ќе ги одработи подготовките во Скопје. Нема да се оди надвор така што после 15 август ќе се почне и со одигрување на контролни средби, а ќе мора тоа да биде противник од домашна сцена.