Новајлијата Кузман Вардар ја оствари првата победа

Ракометарките на Кузман Вардар Илинден кои за прв пат сезонава се натпреваруваат во женската лига во 5. коло се израдуваа на првата победа. На домашен терен беа подобри од Овче Поле СУ со 25:24.

Гостинките имаа одлично отворање на мечот со 5:0 со што најавија дека се дојдени по бодовите. Сепак многу брзо Кузман Вардар возврати соодветно и го презема водството. До крајот на првиот дел двете екипи го менуваа водството, а на полувреме заминаа со нерешени 13:13.

Вториот дел имаше слично одвивање на настаните на теренот. Ниту една екипа не се одлепи на повисока разлика, а победникот не беше познат се до крајот на дуелот. Во финишот ракометарките на Кузман Вардар подобро се снајдоа и стигнаа до победата.

Најзаслужни за победата на екипата од Илинден беа Ивана Блажевска со девет гола и Мила Филипова со шест. Во поразената екипа седум гола постигна Елена Вучевска, а пет Наталија Манева.