Новата евро сезона почнува на крајот на август, Лигата на шампионите на средина од септември

Иако и понатаму трае паузата поради коронавирусот, сепак, од ЕХФ се готви календарот за новата сезона и веќе е познато кога истата би требало да стартува доколку пандемијата со вирусот Ковид-19 почне да се смирува.

Според предвиденото за новата сезона натпреварите во Лигата на шампионите треба да стартуваат на 16 и 17 септември. Во новата сезона нема да се игра за викенд туку в среда и чеврток, па тоа ќе бидат нови теремини.

Веќе е предвидено средбите од 2. коло да се одиграат на 23 и 24 септември, додека 3. коло е на 30 септември и 1 октомври.

Купот на ЕХФ кој во новата сезона ќе се нарекува Европска лига или Лига на Европа, стартот ќе го има со првото квалификациско коло на 29 и 30 август, додека реваншот е недела подоцна на 5 и 6 септември. Второто квалификациско коло е закажано за 22 и 29 септември. Натпреварите од групната фаза во Европската лига се предвидени да почнат на 20 октомври. Во групната фаза ќе учествуваат 24 екипи кои ќе бидат поделени во четири групи.

Челенџ купот, пак, или по ново Европски куп, ќе зависи од бројот на пријавени екипи и за неговиот старт ќе биде познато дополнително.

Засега е јасно дека Македонија ќе има едно место во групната фаза од Лигата на шампионите, додека три екипи ќе можат во Европската лига. Тука би требало еден тим да има директен пласман во групната фаза, а другите две ќе мораат преку квалификации да се борат за место во главниот дел од натпреварувањето.