„Никому не му е сеедно да игра против нас, сите знаат какви играчи имаме“

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина сепак ќе настапи на Европското првенство, иако со големи потешкотии беа обезбедени финансиите потребни за пат на континенталниот собир. Избраниците на Билал Шуман ги одработуваат подготовките и веќе победија на првиот контролен натпревар против Саудиска Арабија.

Капитенот Мирсад Терзиќ вели дека на ниту еден ривал нема да му биде лесно против Босна и Херцеговина.

„Можам да кажам дека ние нашата работа на теренот ја одработуваме коректно. Без разлика на условите, секогаш со задоволство доаѓаме на собирите и за националниот тим секогаш сме прикажувале одлични игри. Меѓу нас играчите владее добра атмосфера, а посебно затоа што дојдовме до ваков успех каков што е настап на ЕП после толку години. Ќе го одработиме максимално овој дел од подготовките за што поподготвени да одиме за Норвешка. Норвешка и Франција се репрезентации кои на секое првенство одат на медал, ќе играме со голем респект против нив, а исто така и против Португалија. Знаеме како размислуваат и тие, никому не му е сеедно да игра против Босна и Херцеговина, сите знаат какви играчи имаме, кои веќе со години имаат свој статус во големите клубови. Кога играат против нас, знам дека и тие ќе имаат голем респект. Ќе излеземе на терен и ќе дадеме максимум, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно“, изјави Терзиќ.

Босна и Херцеговина ќе игра во групата Д во Трондхајм, заедно со селекциите на Франција, домаќинот Норвешка и Португалија.