Николовска: Настапот во Европа е дополнителен мотив – секој го дава најдоброто

Македонскиот шампион Ѓорче Петров овој викенд го очекува предизвикот од третата рунда во Европскиот Куп. Противник на избраничките на Симе Симовски е австрискиот Румс Јагс, кој во втората рунда го елиминираше азербејџанскиот Азераил, додека Ѓорче Петров беше подобар во двобојот со КА Тор од Исланд.

Ѓорче Петров има голема шанса да обезбеди пласман меѓу најдобрите 16 екипи во третото по ранг европско натпреварување бидејќи двата натпревари ќе ги одигра пред својата публика, односно во спортската сала „Автокоманда“.

Левото крило Анастасија Николовска, која беше една од најзаслужните за пласманот на Ѓорче Петров во третата рунда истакна дека играњето пред домашната публика ќе биде голем мотив за да се направи поволен резултат на двата натпревари, но и да се покаже квалитетот на македонскиот тим во европски рамки.

„Заедно со тренерот направиме анализа на противникот, сепак, Австрија важи за една од земјите кои што имаат добра ракометна историја, Според анализата, тимот на Румс Јагс имаат добра бековска линија. За време на тренинзите и овој подготвителен период се посветивме на нашата игра, со фокус на австрискиот противник. Како тим секогаш се трудиме да го дадеме максимумот и да прикажеме добра игра. Фактот дека ова е Европски Куп е само дополнителен мотив кај секој од играчите да го демонстрираат најдоброто. Играњето на два европски натпревари на домашен терен може да претставува предност доколку љубителите на ракометот ни дадат поддршка во спортската сала „Автокоманда” во што поголем број. Ние сме подготвени во добра атмосфера, во исчекување на двата важни европски натпревари”, изјави Николовска.

На првиот дуел меѓу Ѓорче Петров и Румс Јагс, кој ќе биде одигран на 10 декември со почеток од 18:00 часот, формално домаќин ќе биде австрискиот клуб. Реваншот ќе се одигра в недела, односно на 11 декември во 18:00 часот. Подобриот од двобојот ќе обезбеди пласман во осминафиналето во Европскиот Куп.