Николовска: Бевме физички инфериорни, ривалот ни даде многу лесни голови

Екипата на Чаир се наоѓа пред елиминација од Купот на ЕХФ, откако загуби со 26-41 од српската Наиса Ниш.

Најдобриот стрелец на нашиот тим, Анастасија Николовска, смета дека клучни биле грешките во одбраната и оставањето многу простор на противничките ракометарки.

„Ќе го анализираме овој натпревар сигурно. Имавме големи проблеми во одбраната, тоа ни беше слабата страна, додека во нападот колку толку бевме ефикасни. Ривалот постигна многу лесни голови од контри и полуконтра, тоа ни беа најголемите грешки. Ни фалат и играчи на неколку позиции. Наиса не изненади со одбраната 5-1, излегоа пошироко на нас, ние бевме и физички инфериорни и не можевме да повлечеме. Крилата беа отсечени, имавме само по еден или два шута и тешко погодувавме во нападот. Не е реално да се надеваме на чудо во Ниш, но сакам во исто време да им честитам на моите колешки од репрезентацијата Гакидова и Стојановска, кои ќе го продолжат европкиот пат и се надевам дека ќе ја претставуваат Македонија во добро светло“, вели Николовска за 24Ракомет.

На Чаир сега му останува да се посвети на домашниот шампионат, иако треба да го одигра и реваншот против Наиса.

„Се надеваме дека ќе има пресврт во Женската лига. Се надеваме дека ќе го совладаме Металург со повисока разлика оттколку што загубивме, па да може да го бркаме и Куманово“, продолжува Николовска.

Македонската репрезентативка вели дека размислува за интернационална сцена, но и дека сега му е посветена само на тимот на Чаир.

„Секој сака да се проба во странство каде што се игра поквалитетен ракомет. Но мислам дека има време за таков предизвик и сега сум посветена само на мојот актуелен тим“, заврши Николовска.

Чаирчанки со пораз на дебито во Европа, едно добро полувреме премалку против Наиса

Чаир изгоре од преголема желба, Наиса на чекор до пласман во трета рунда (ФОТОГАЛЕРИЈА)