НИКОЛА МИТРЕВСКИ: Не сум херој, јас сум тимски играч, немав ниту впечаток дека сум „запишал“ 15 одбрани

„Јас сум тимски играч. Работам и молчам - таков сум цела кариера. Си ја користам секоја шанса што ќе ја добијам и мислам дека синоќешниот меч е најдобар показател за тоа“ - констатира Митревски во разговор за 24ракомет.

Македонскиот репрезентативец Никола Митревски имаше фантастична вечер со 15 интервенции во важната победа на Порто против Пик Сегед (25:19) во „мечот на неделата“ во Лигата на шампионите.

Тоа му донесе статус и на „играч на мечот“, а денеска една од неговите интервенции, поточно парадата со која го запре зицерот на Кањељас е најдобрата во Европа за ова коло.

И додека цела Европа зборува за она што Митревски го прикажа синоќа, репрезентативецот во разговорот за 24ракомет останува крајно скромен.

„Немам време да ми ’легнат’ работите, уште ги сумирам впечатоците. Веќе в недела играме натпревар од португалското првенство и некако немам простор да ги средам мислите, насочен сум на рекуперација и на она што следи. Сериозно влеговме во мечот, одигравме во наш стил, тимски, без да се истакнуваат поединци…“, започна Митревски.

Но, прикажаното на теренот и статусот на „играч на мечот“ велат поинаку, си дозволив да го прекинам, а тој ми одговори:

„Ако не бев јас, можеби ќе беше другиот голман. Кога екипата игра добро на голманот му е лесно да брани, а кога играме лошо голманот треба да се брани како знае и умее. (се смее). Немав впечаток дека имам толку многу одбрани, 15! Не се чувствувам посебно или како херој. По натпреварот тоа и го потенцирав за медиумите тука, дека секој играч имаше свој придонес. Можеби јас паднав во очи со бројот на одбраните и процентот кој го имав, но во екипните спортови нема поединци.“

По само три месеци во Порто, Митревски, кој е еден од петте странци во клубот смета дека го направил вистинскиот потег во кариерата.

„Задоволен сум во Порто, добро ми е и среќен сум. Многумина сметаа дека нема да добивам шанса да бранам, но еве, делам минутажа со Кинтана, имаме одлична соработка и засега сè е супер. Знаев каде доаѓам, какви услови ќе имам и во каква средина. Имав ситна повреда на почетокот на сезоната истегнување на колатерален лигамент, па пропуштив натпревар од домашното првенство и имав поскромна минутажа со Елверум, но тоа е зад мене. Јас сум тимски играч. Работам и молчам – таков сум цела кариера. Си ја користам секоја шанса што ќе ја добијам и мислам дека синоќешниот меч е најдобар показател за тоа“ – констатира Митревски.

По четири натпревари во Лигата на шампионите, Порто има две победи и два порази, трет е на табелата и следната недела му гостува на Вардар во Скопје.

„Целата ситуација е крајно комплицирана. Никој не знае кога и со кој состав ќе настапи. Поради пандемијата, се одложуваат натпревари, се разболуваат играчи, но тоа е сплет на околности. Секако дека посакувавме и повеќе, но не може да бидеме незадоволни од првите четири кола“, вели нашиот репрезентативен голман и продолжува:

„Што се однесува до натпреварот со Вардар, тоа ќе биде еден интересен, изедначен дуел. Секогаш сум потенцирал дека Вардар е квалитетен ривал, актуелен европски првак. Знам што и како можат неговите ракометари, со дел од нив сум бил и клупски соиграч, сум играл и против нив, некои ми се и репрезентативни колеги. Двата тима ќе сакаат победа, тука нема дилема. Мене ќе ми биде малку чудно, но и убаво, затоа што ќе играм дома. И како што моите другари во Вардар ќе дадат се од себе за да победат, така и јас ќе дадам сè за да победи мојот тим.“