„Не морам да објаснувам кој сум и што правам“

Селекторот на француската репрезентација Гијом Жил му одговори на неговиот претходник Дидие Динар за претходната изјава.

Динар за француските медиуми рече дека бил изненаден од изборот на неговиот наследник, и од тоа што одлуката за смена, му ја соопштил токму Жил.

„Тој може да зборува што сака. А јас не морам да објаснувам кој сум и што правам. Ја разбирам комплексноста на ситуацијата што тој ја имаше. Одговорноста за неуспехот на Европското првенство е поделена, таа е негова, но и моја како негов поранешен асистент“, вели Жил.

Франција без борба обезбеди место на Светското првенство во Египет следната година, иако ќе беше голем фаворит во бараж двомечот против Македонија ако се играше.