Не знаат каде ќе играат меч од Лигата на шампионите, салата им се претвори во ковид-болница!

Ширењето на коронавирусот насекаде низ Европа, е голем проблем за спортските екипи. Откако „Арена“ во Загреб стана ковид-болница, раководството на хрватскиот првак бара солуција каде ќе го игра следниот домашен натпревар од Лигата на шампионите.

Менаџерот на „плинарите“, Божидар Јовиќ, во изјава за „Вечерњи лист“, вели дека имаат засега втора опција.

„Ни останува како опција салата ’Сутинска Врела’, каде што игравме СЕХА лига. Тоа е сала што ги задоволува условите на ЕХФ, а подобра е од неколку сали каде што во моментов се игра Лигата на шампионите. На пример, подобра е од онаа на ПИК Сегед. Но прашање е дали ќе се игра, бидејќи до 18 ноември, ситуацијата со коронавирусот може да биде само полоша, подобра нема сигурно. Кога подобро ќе погледнете, голем број земји се во ’локдаун’, а тоа би можело наскоро да се случи и кај нас. Што ако воведат полициски час, како ќе тренираме? како ќе играме? Има тука уште неодговрени прашања“, вели Јовиќ.

Загреб со поразите од Алборг и Целје на домашен терен практично ги загуби шансите за пласман во следната фаза од Лигата на шампионите, па му останува само да ги одигра дуелите до крај.