Не е важно кој згреши: Нолевска, сепак, казнета за допинг скандалот

Репрезентативката на Македонија и ракометарка која играше за тимот на Корона Брашов, Наташа Нолевска, сепак, се најде меѓу казнетите ракометарки на тимот од Романија. Доби казна од година и четири месеци заедно со уште дел од девојките кои беа дел од тимот од Романија.

Иако таа се изјасни дека не е виновна, сепак, дисциплинската комисија немаше милост и им додели казни на сите што беа вмешани во случајот. Тие беа суспендирани поради сомнение дека користеле недозволена ласерска терапија, која стои на листата на забранети терапии на Анти-допинг агенцијата. Сега од страна на Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Романија се и казнети.

Заедно со Нолевска, по една година и четири месеци казна добија и Ана Марија Лопацару, Елиза Бучески, Дарија Букур, Елаине Гомез и Ивона Павичевиќ.

Година и три месеци заработија Дачијана Хосу, Кристина Ласло и Бјанка Базалиу. По една година и осум месеци добија Андреја Чиучиулете, Оана Кашпар, Клаудија Лакатуш, Мрилена Неагу, Елена Патулеану, Дијана Попеску, Соријана Тирка и Виторија Тимошенкова.

Поранешниот претседател на клубот Ливиу Драгомир, пак, е суспендиран на две години и шест месеци, додека техникиот директор Маријана Тирка доби суспензија од две години. Докторот Мариуш Капра ќе биде надвор од спортот четири години.