Ненадиќ заминува од Париз: Не се договорив со ПСЖ, сакам во клуб што игра во ЛШ!

Левиот бек Петар Ненадиќ во следната сезона ќе има нов предизвик во својата богата интернационална кариера, откако со ПСЖ не постигнаа договор за продолжување на соработката.

Искусниот ракометар, кој има 36 години, во редовите на најбогатиот европски клуб пристигна во вториот дел од изминатата сезона. Претходно, пет и пол сезони го носеше дресот на Веспрем.

Иако се споменуваше дека Ненадиќ во следната сезона ќе го засили амбициозниот тим на Динамо Букурешт, сепак, романскиот шампион извиси од Лигата на шампионите, односно не доби вајлд- карта, па сигурно е дека довчерашниот член на ПСЖ ќе биде ангажиран во еден од 16 клубови кои ќе играат во елитата.

Српскиот интернационалец тоа го потврди во интервјуто за порталот ,,Mozzartsport” истакнувајќи дека сака да игра во клуб што е дел од Лигата на шампионите.

„Сигурно не останувам во ПСЖ, со управата не можевме да се договориме на нова соработка. Сега за сега немам конкретни планови. Има понуди, но ми треба малку време за одмор. Имам идеи, но сè уште ништо не сум одлучил. Но, она што ме интересира е клуб кој игра во Лигата на шампионите, клуб со амбиции во Европа”, изјави Ненадиќ.

Дефинитивно, шпекулациите дека Ненадиќ ќе биде новото засилување во тимот на Чави Пасквал паѓаат во вода.

Ненадиќ во својата кариера беше дел и од Барселона, Висла Плоцк, Фуксе Берлин, Холстебро и ПИК Сегед.

Со тимот на Веспрем трипати учествуваше на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, додека со ПСЖ еднаш. И со двата тимови не успеа да дојде до златото, најблиску беше во сезона 2018/19 кога со унгарскиот шампион играше финале против Вардар.