Ненадиќ: Доаѓањето на Херона и љубовта кон Србија беа клучни да се вратам

Средниот бек на Веспрем, Петар Ненадиќ за српски „Журнал“ говореше за причините за неговото враќање во репрезентацијата на Србија. Тој по подолго време се најде на списокот на репрезентацијата на Србија пред квалификациските дуели за ЕП 2022 во ноември.

Ненадиќ изминатите неколку години не беше дел од националната селекција, но по доаѓањето на шпанецот Херона на селекторската позиција тој одлучи повторно да го облече репрезентативниот дрес.

„Долго не бев во репрезентацијата и размислував извесен период што и како да правам. Не знаев што е паметно, но после разговорот со Херона одлучив да се вратам. Србија е мојата љубов и дресост кој најмногу го сакам, меѓутоа доаѓањето на Херона и мојата љубов на крајот беа клучни за мојата одлука“, рече Ненадиќ.

Освен за причините за неговото враќање Ненадиќ потенцираше што е поентата и придобивката што тој повторно ќе игра за Србија. Средниот бек нагласи дека тој нема да игра многу долго за репрезентацијата, но се надева дека ќе остави нешто за наредните генерации.

“Кога Херона стана селектор, реков дека не е поентата што јас ќе се вратам, јас не можам да играм уште 100 години. Ќе бидам тука да помогнам, но поентата е да оставиме нешто на момците кои ќе дојдат во иднина, да имаат систем кој функционира“, заврши Ненадиќ.