Нема подготовки без протокол: Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер… чекаат „зелено светло“ од надлежните

РФМ навремено си ја заврши работата и барањето е веќе доставено до Комисијата за заразни болести пред десетина дена и во секој момент се чека повратна информација. Заедно со Федерацијата во исчекување се и клубовите.

Европскиот првак Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, Охрид… најавија дека од втората половина на јули ќе стават крај на принудниот одмор наметнат од пандемијата од коронавирусот и веќе го закажаа почетокот на подготовките за новата сезона.

„Црвено-црните“ ќе тргнат први со собир на 18. јули и прв тренинг два дена подоцна. На 20. јули и Металург ги „пали моторите“, додека Еурофарм Пелистер и Охрид на 27. јули го стартуваат темпирањето на формата.

Тренерите можеби ги „скоцкаа“ екипите, но во моментов се без потребниот протокол за тоа како ќе се одвиваат тренинзите во сала. Документ, кој е главен и неопходен во услови кога ковид-19 се уште „беснее“ во Македонија… Протокол за тренинзи за колективните спортови во сала се уште нема, а нашите ракометни клубовите се во исчекување и се надеваат дека оваа недела ќе добијат некакви насоки од надлежните.

„Зеленото светло“ треба да дојде од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, со конечна одлука од Владата, пред Федерацијата да може протоколот да го достави до клубовите. Ракометната федерација на Македонија ја игра и главната улога во овој процес, затоа што таа е онаа која се обраќа до надлежните со предлог за протокол, кој потоа оди на разгледување пред да добие дефинитивен одговор.

РФМ по ова прашање навремено си ја заврши работата и барањето е веќе доставено до Комисијата за заразни болести пред десетина дена и во секој момент се чека повратна информација. Заедно со Федерацијата во исчекување се и клубовите.

Помалку или повеќе сите се обидуваат да се однесуваат нормално, екипите го креираат ростерот, прават планови и програми за подготовки за дома, за Европа… Федерацијата размислува за новата сезона (која би требала да стартува 12/13 септември), но истовремено непобитен факт е дека коронавирусот и натаму е главниот играч кој го диктира темпото на живот и на сите активности (во нашиот фокус се оние ракометните).

Во исчекување на протоколот за тренинзи, како бек-ап план на стратезите се отворените игралишта, паркови, кеј…. затоа што и физичката подготовка најдобро се билда на овој начин (се пошегуваа некои тренери). А, има и протокол за работа на вежбалниците што барем во оваа стартна фаза ќе им оди во прилог.

Конечниот збор и РФМ и клубовите го чекаат од надлежните пред да биде јасно по кои правила и прописи ќе се подготвуваат за новата сезона во која ќе треба да се навикнуваме на новото нормално. А, новото нормално прв тест ќе има на турнирот во Струга, во средината на август, кој се игра на отворено игралиште и на кој годинава е најавено учество само на домашни клубови.