Нема крај на малерите во Хрватска – се повреди Мартиновиќ!

За селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват денес пристигна уште една лоша вест. Еден од носителите во таборот на хрватската репрезентација, десниот бек Иван Мартиновиќ, кој настапува за Мелсунген, во дуелот против Лајпциг заработи повреда на зглобот и на носилки беше изнесен од теренот, а во следниот период треба да се знае дали ќе може да им помогне на ,,коцкестите” на Мундијалот во Полска и Шведска.

Доколку Мартиновиќ го пропушти настапот на Светското првенство, тогаш Хорват на десната бековска позиција ќе ги има на располагање Шиме Ивиќ и Лука Шебетиќ, кои имаат репрезентативно искуство.

Мундијалот во Полска и Шведска ќе го пропуштат левиот бек Марко Мамиќ и левото крило Давид Мандиќ, а неизвесни се поранешниот член на Металург, Халил Јагањац, екс ракометарот на Вардар, Иван Чупиќ и неговиот колега од Загреб, Владо Матановиќ.

Хрватска од претходно остана без услугите на голманот Иван Стевановиќ, кој поради повреда не е во можност да биде дел од подготовките и настапот на Светското првенство.

Ракометарите на Хрватска на Мундијалот ќе настапат во група со селекциите на САД, Мароко и Египет. Трите најдобри репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза на СП.