Нема државна помош за ракометар(к)ите што имаат плата повисока од 39.900 денари!

Агенцијата за млади и спорт денеска ја објави целокупната програма за аплицирање и добивање на државна помош за спортистите и спортските работници. Како дополнување, стои забелешката дека оваа мерка не се однесува на спортисти кои земаат плата повисока од 39.900 денари.

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 04 април донесе уредба за финансиска поддршка за сите спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортската администрација за време на борбата со коронавирусот, во време кога е вонредна состојба во државата.

Право на финансиска поддршка имаат спортисти кои спортските активности ги вршат професионално, имаат склучено договор со спортски клуб и се впишани во регистарот на спортисти што настапуваат во систем на натпревари што го води национална спортска федерација. Наведени се и условите што треба да ги исполнат стручните лица и членовите на спортската администрација, за добивање на плата од 14.500 денари за месеците април и мај.

Финансиската поддршка ќе ја реализира Агенцијата за млади и спорт, а сите документи што треба да ги пополнат ракометарите, ракометарките и ракометните работниците може да се најдат на сајтот на АМС.