Џабе „плинарите“ кренаа прашина: Анте Гаџа е играч на Вардар!

Хрватскиот плејмејкер Анте Гаџа, кој досега настапуваше за Загреб е нов ракометар на европскиот шампион Вардар. Иако од хрватскиот првак тврдеа дека Гаџа е нивен член и дека треба да се плати оштета, сепак трансферот ќе биде реалзиран.

Гаџа потпиша договор на една сезона, со можност да биде продолжена на уште една ако двете страни бидат задоволни од соработката.

„По заминувањето на Скубе, Вардар бараше замена. Го контактираа мојот менаџер, а јас веднаш прифатив. Сакам да игра за Вардар затоа што се европски шампиони и тоа е чекор напред во мојата кариера. Се надевам дека Вардар ќе биде пак оној стариот. Многу ракометари останаа и ги продолжија договорите, па така се надевам на успешна сезона и дека ќе ги исполниме целите на новиот сопственик. Со Загреб се разделив пријателски и во одлични односи. Ја разбраа мојата одлука и ми посакаа среќа. Можам само да кажам дека ми беше убаво тука минатата година“, изјави Гаџа за 24Сата.

Тој се појави на големата сцена во дресот на Нексе Нашице, а лани се пресели во Загреб и имаше сосема солидна сезона и во СЕХА и во Лигата на шампионите.

Плејмејкерот постигна 40 погодоци на 14 меча во елитното напреварување, додека во регионалното беше стрелец на 32 голови на 11 средби.

Сега останува да се најде решение и за позицијата десен бек, за која конкурира некогашниот член на Кил, Веспрем и Спортинг Лисабон, Марко Вујин. Вардар досега се засили со Јагуриновски, Кантегрел, Талески и Георгиевски.