„Немам проблем да си заминам, ќе го направам тоа со крената глава“

Репрезентацијата на Црна Гора беше едно од изненадувањата на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Избраниците на Зоран Рогановиќ успеаја да се пласират во главната фаза и на крај завршија на 11 место на континенталниот собир.

Селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ во интервју за црногорскиот весник „Побједа“ зборуваше за своите импресии од Европското првенство и за сите важни настани кои се случуваа во Дебрецин и Будимпешта.

Тој смета дека не треба да се бара изговор за поразите од Холандија, Исланд и Франција, истакнувајќи дека споменатите селекции играат многу брз ракомет, но ситуацијата со коронавирусот си го направи своето.

„На ЕП го расипавме впечатокот со поразите во последните три натпревари. Не барам изговор, но заморот сигурно си го направи своето. Во првите четири натпревари, каде забележавме три победи, имаше многу трошење на силата. Тоа не е ни чудо бидејќи имавме проблеми со Ковид 19, изолацијата и сместувањето. Холандија и Исланд се најподготвени селекции, трчаа од почеток до крај, а кон тоа треба ние да се стремиме во иднина. Физичката подготвеност треба да биде на уште повисоко ниво“, изјавува Рогановиќ.

Веднаш по натпреварот со Исланд, низ преносот на националната телевизија РТЦГ беше пласирана информација за кавга меѓу селекторот Зоран Рогановиќ и спортскиот директор Драшко Мрваљевиќ. Рогановиќ вели дека нема да му биде проблем да си замине и селекторската функција да ја остави на некој друг.

„Не сакам да коментиран ништо за тој настан. Немам проблем да се спакувам и да заминам, тоа би го направил со крената глава бидејќи мислам дека го исполнивме тоа што го ветивме пред првенството. Секако дека можеше да биде подобро, но со некои работи не успеавме да се справиме. Резултатот е таков каков што е, дали ќе ја задоволи јавноста или некој во Црна Гора не зависи од мене, но јасно е дека овој тим ќе прави големи работи во иднина. Дали ќе биде со мене или некој друг е небитно. Важно е да добиеме нови играчи, нови лидери и херои со кои Црна Гора ќе се гордее. Толку многу е направено позитивно на ова првенство што црногорската репрезентација останува за големи дела и на тоа треба да се фокусираме“, вели селекторот на Црнаа Гора.

Рогановиќ во август, 2018 година, ја презеде репрезентацијата на Црна Гора по заминувањето на Драган Ѓукиќ. Актуелниот црногорски селектор изјави голема благодарност до Ракометниот Сојуз на Црна Гора за дадената доверба.

„Кај нас речиси секоја работа е од денес до утре. Имавме еден континуитет за кој сум многу благодарен на ракометниот сојуз на Црна Гора, прво на Зоран Радојичиќ кој ми даде шанса, па на актуелниот претседател Петар Каписода. Тој можеше да ми „дупне глава“ по ремито со Фарските Острови на стартот од квалификациите за ЕП 2020, но луѓето можеби почувствуваа дека нешто постои некаде и тоа се покажа на натпреварот против Данска“.

Црна Гора на Европското првенство оствари три победи, против Македонија и Словенија во групната фаза и против селекцијата на Хрватска во главната фаза.

Ракометарите на Црна Гора во бараж натпреварите за Светското првенство 2023 ќе играат со подобриот од дуелот меѓу БиХ и Грција.