Нексе ги нападна, од Загреб одговорија: „Никогаш не сме барале прекин туку одлагање на првенството“

После вчерашните коментари од страна на тимот на Нексе дека не се согласуваат со предлогот на ППД Загреб за прекинување на сезоната и дека сакаат шампионот на Хрватска да се одлучи на терен, а не на зелената маса денеска стигна одговор од тимот на Загреб.

Меѓу Нексе и ППД Загреб со ова како да има некоја „тивка војна“ преку медиумите, па ривалството се префрла и надвор од терените.

„Загреб никогаш и никаде нема барано прекин на првенството туку само одложување додека не се создадат нормални услови за натпреварување. Во моментов ниту еден клуб од Хрватска не игра повеќе во Европа. Според тоа сите можат да се посветат на домашните натпреварувања. За да може регуларноста да биде максимална сметаме дека идејата за прекинот е исправна додека не се создадат еднакви услови за сите. Секако друго злонамерно толкување и подметнување како она дека сè се одлага за август, кога Загреб ќе биде исклучително посилен на играчки план, се малициозни и не допринесуваат за спортскиот фер-пле и ривалство, ниту, пак, таквите решенија се изводливи и можни“, стои во соопштението од Загреб.

Инаку, во моментов дел од средбите во плеј-оф лигата на Хрватска се одлагаат бидејќи има ракометари кои се позитивни на Ковид 19 и не се во можност да ги извршуваат обврските така што засега нема услови за одигрување на сите натпревари.