Некогаш играше за ЖРК Вардар, сега работи како медицинска сестра

Бегоња Фернандез, некогашната ракометарка на ЖРК Вардар, која со репрезентацијата на Шпанија на Олимписките игри во Лондон 2012 година освои бронзен медал ги користи своите последни денови од породилното отсуство.

Таа би требало да се врати на својата работа како медицинска сестра во болницата во Виго за неколку недели. Сепак нејзините емоции за враќањето на работа се измешани заради кризата со коронавирусот, особено што Шпанија е една од најзагрозените земји во Европа.

„Време е да се вратам на работа, но тоа ме прави малку нервозна најмногу заради децата. Сè уште го дојам помалото и тоа ќе му недостасува сигурно, кога ќе тргнам на работа тоа ќе биде ограничено. Ова не е ништо ново за мене, имам работено со изолирани луѓе, не се плашам за мене туку за мојот народ. Комуницирам со своите колеги во овие важни моменти. Се работи многу напорно, и сите го дават својот максимум. Ова е како натпревар од Лигата на шампионите што чекате да го одиграте. Верувам дека спортот помага и дава лекции применливи во секојдневниот живот. Ве учи да работите во тим, под притисок и да ги контролирате вашите емоции. Време е да ги искористам овие придобивки во пракса“, коментира Фернандез.

Фернандез се пензионираше од активно играње ракомет 2015 година и оттогаш таа работи како медицинска сестра. Три години мина во Вардар од 2012 до 2015, а претходно имаше кратка авантура во српскиот Зајечар, додека останатиот дел од кариерата го мина во најдобрите шпански клубови – Валенсија, Елда и Ичако.