Некогашната ракометарка на Кометал ЃП ќе игра и на 40 години: Озел потпиша за Јаликавак!

Некогашната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Јелиз Озел, која најдобрите моменти од кариерата ги помина во Скопје, не планира да ја заврши богатата кариера.

Таа потпиша договор за следната сезона со турскиот тим Јаликавак и ќе се обиде да му помогне на третопласираниот тим во европските купови.

Озел, која во Кометал ЃП дојде во 2004 година и остана три сезони, иако има 40 години се уште е активна на ракометните терени. Кариерата ја започна во Турк Телеком, а играше уште во низа турски клубови – Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахала, Муратпаша, додека последната сезона ја мина во шампионот Кастамону.

Од европските клубови покрај во Македонија, каде што се задржа најдолго, одличниот среден бек играше и за норвешкиот Бјасен, како и романската Валчеа.