Недановски: Играчите го оставија срцето на терен и покажаа како се игра за клубот!

Долгоочекуваното дерби од 5. коло во машката Суперлига очекувано донесе многу возбудувања и израмнет натпревар на теренот, но и немири на трибините и прекин од половина час во спортскиот центар „Јане Сандански“.

Во првиот од двата дуели кои директно ќе одлучуваат за титулата Вардар го победи Еурофарм Пелистер со 31-24 (13-10).

Тренерот на Вардар, Владо Недановски е задоволен од победата, но и претпазлив за реванш дуелот во Битола, бидејќи победата од седум гола разлика не е никаква гаранција за титула.

„Среќен сум за победата, пред натпреварот во мислите ни беше само да победиме, не мислевме да никаква гол-разлика , но испадна седум гола разлика, секако дека сме задоволни со победата, но и пред дуелот кажав, еден може да е многу, десет гола да се малку. Затоа, во мислите ни беше само победа, успеавме да победиме, игравме пред полна сала, само што мала дамка остави тоа што се случи меѓу „Чкембари“ и „Комити“, изјави Недановски.

Стратегот на актуелниот шампион на Македонија имаше пофални зборови за неговите избраници кои одиграа на висина на задачата, иако на почетокот имаа проблеми во организирањето на играта.

,,Секогаш почетоците се најтешки, нормално дека не можеш да направиш пет гола разлика за десет минути, се договоривме да не го гледаме семафорот, да не гледаме колку е разликата, едноставно само да играме, на крајот дали ќе биде еден гол позитива, или седум, гледавме само да победиме. Од сите играчи сум задоволен, го оставија срцето на терен и покажаа како се игра за клубот”, заврши Недановски.

Доколку двете екипи немаат киксови против другите екипи, по мечот во Битола ќе биде познат македонскиот шампион.

Вардар ја доби првата битка против Еурофарм Пелистер, ќе брани „плус седум“ во Битола