Неагу: Ниту една репрезентација не треба да зависи од еден играч

Една од најдобрите ракометарки на светот, Кристина Неагу најави пауза од националниот тим.

Романката ќе пропушти неколку квалификациски натпревари на својата репрезентација за пласман на Европското првенство во 2022 година, но се очекува и без Неагу, Романија да обезбеди пласман бидејќи има лесни противници.

„Нема повеќе да настапувам за националниот тим во 2021 година. Но, се надевам дека следната година ќе се вратам помотивирана и со многу енергија. Причината за мојата пауза е што чувствувам замор и потребен е одмор поради повредите во изминатите години. Сега е добро време да се одморам неколку месеци. Ако продолжам да играм ракомет, ќе се вратам во репрезентацијата. Сакам повторно да настапувам на Олимписките игри. Ниту една репрезентација не треба да зависи само од еден играч. Постепено, девојките ќе научат да играат ракомет без мене. Доколку успешно ги поминевме квалификациите за Олимписките игри во Токио, најверојатно ќе ставев крај на мојата кариера после нивното завршување. За следните Олимписки игри во Париз ќе имам 36 години. Пред нас има многу време, сакам да бидам здрава и да продолжам со настапите”, изјави Неагу за „ГСП“.

Кристина Неагу одлуката за повлекување од романската репрезентација ја донесе после завршените бараж натпревари за пласман на Светското првенство во Шпанија.