„На теренот најдобро соработував со Индира Кастратовиќ“

Снежана Дамјанац е поранешна ракометарка и членка на репрезентацијата на Србија и Црна Гора со која го освои бронзениот медал на Светското првенство во 2001 година во Италија.

Дамјанац за mnerukomet.me го одреди најдобриот тим од играчи со кои настапувала и ракометарката со која имала најдобра соработка на теренот. Поранешната репрезентативка на Македонија, Индира Кастратовиќ се најде и во двата избора.

„Најдобриот тим од ракометарки со кои сум играла го сочинуваат голманката Драгица Ѓуриќ, лев бек Бојана Поповиќ, среден бек Маја Булатовиќ, десен бек Индира Кастратовиќ, десно крило Јованка Радичевиќ и пикер Татјана Јераминок. Ракометарката со која имав најдобра соработка на теренот е Индира Кастратовиќ“, истакна Дамјанац.

Снежана Дамјанац најголемиот дел од кариерата го помина во Будуќност каде што и го заврши својот ракометен пат после десет сезони во сино-белиот дрес. Освен во Будуќност, Дамјанац има играно и во Напредак од Крушевац и Раднички од Белград.