Најдобриот стрелец во Суперлигата со нов клуб: Палевски ќе тресе мрежи за Пролет

Давор Палевски е првото засилување за Пролет за новата натпреварувачка сезона, откако клубот успешно ги финишираше преговорите за ангажман на најдобриот стрелец во Суперлигата минатата сезона.

Палевски денеска го стави потписот на договорот со Пролет, решавајќи да остане во Скопје по одличната ланска сезона што ја имаше во дресот на Работнички. Левото крило постигна 190 гола на 17 натпревари за овој тим, на негова адреса летово пристигнаа неколку интересни понуди, за на крајот да го избере токму Пролет за следна дестинација во кариерата.

Станува збор за играч кој е поранешен кадетски и младински репрезентативец на Македонија. Палевски беше дел од составот на младинците кои стигнаа до одличното шесто место на СП во Алжир. Пред Работнички нашиот нов ракометар го носеше дресот на Металург, тим за кој настапуваше и во Лигата на Шампионите.

„Задоволни сме што успеавме да доведеме квалитетно засилување кое ќе ја крене играта на Пролет на едно повисоко ниво. Го задржавме речиси целиот тим од ланската сезона, а со дополнителното засилување остануваме на вистинска патека и очекуваме пласман во плеј-офот“, изјави директорот на Пролет, Сашо Огњановски.