Најдобрата судиска двојка в среда на дерби во Загреб

Судиите кои во јануари ја делеа правдата во финалето на Европското првенство, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија нова задача во Лигата на шампионите, а тие ќе бидат на терен во Арена во Загреб.

Начевски и Николов ќе го судат дерби дуелот од Групата Б меѓу секогаш големите ривали, ППД Загреб и Целје.

Оваа средба се игра во Загреб, а е од големо значење и за двата тима. Особено притисокот е кај домашните и оттаму е јасно дека ова ќе биде интересна средба. Затоа може да се очекува да биде виден допадлив ракомет и големи возбудувања.

Владо Шола посакува прв триумф на домашен терен со Загреб после тешкото гостување кај Барселона, а ниту Целје не смее да си дозволи кикс.

Натпреварот е закажан за 20:45 часот, а делегат ќе биде Георге Бебецос од Грција.