Наумче Мојсовски со предлог како да се игра првенството: Полусезона во два месеци и по турнирски модел

Мораме да најдеме модел кој ќе ни одговара. Мораме да седнеме сите заедно и колективно да најдеме решение за да не ни се случи до јануари да немаме спорт

Поранешниот репрезентативец на Македонија, а сега претседател на екипата на Струга и член на Управниот одбор на РФМ, Наумче Мојсовски за 24Ракомет даде интересен предлог за тоа како би требало да се одигра првиот дел од новата сезона.

Со оглед на тоа што ситуацијата со коронавирусот не дава некој оптимизам сосема извесно е дека ќе има големи тешкотии и на стартот од новата сезона така што истата е неизвесна.

„Според она како се движат работите коронавирусот ќе остане веројатно и во текот на целата следна сезона така што нема да биде лесно сè додека не се пронајде вакцина. Затоа мораме да размислуваме како да ја одработиме новата сезона. Мораме да бидеме подготвени и никако не смееме да седиме со скрстени раце. Веќе разговарав со федерациите на спортовите кои се играат во сала. Работиме на тоа да најдеме модел по кој сите би биле задоволни и би можеле без проблеми да ги одиграме натпреварите“, вели Наумче Мојсовски.

Тој дава идеја според моделот кој планираат да го користат Германците кои се решени да играат турнирски во некои спортови. Смета дека истиот би бил применлив и во Македонија.

„Германците имаат интересен турнирски систем. Одлучија да се соберат во хотели и да тренираат извесено време и потоа во два месеци да одработат една полусезона. Секако тука би биле направени и тестови за коронавирусот и сите работи кои се потребни за да може да се игра без проблеми. За да се заврши една полусезона ќе биде доволно да се игра во две сали. Мора да се продолжи со животот и да има спорт. Доволно беше без спорт“.

Веќе се направени првите контакти и постои расположение кај Федерациите на екипните спортови кои се играат во сала да ја разгледаат ситуацијата.

„Разговарав и со Ракометна и со Кошаркарска и со Одбојкарска федерација. Ситуацијата не смее да не затече и да не фати недоволно подготвени. Постои варијанта германскиот модел да биде применет и кај нас, но државата би морала да помогне односно да спонзорира 50 проценти за сместувањето, а другото да оди на товар на федерациите и на клубовите. Јасно е дека хотелите не би можеле да работат многу од септември, па вака и тие би имале корист“.

Се очекува во следниот период да има повеќе контакти и сите да го искажат своето мислење и да дојдат до најдобриот модел за беспрекорно одработување на сезоната.

„Мораме да најдеме модел кој ќе ни одговара. Мораме да седнеме сите заедно и колективно да најдеме решение. Дали тоа ќе биде на некоја трибина или на некој друг начин не е толку важно колку што е важно да го одработиме она што ни е зацртано. Не смееме да дозволиме коронавирусот да нè изненади и до јануари воопшто да нема спорт. Што ќе биде тогаш со играчите или со клубовите. Некои варијанти мора да се бараат. Никој не очекуваше дека вака рано коронавирусот ќе се врати, но никој не може ниту да гарантира како ќе заврши. Особено е тешко за ракометот и кошарката каде што контактите меѓу играчите се далеку поголеми“, изјави Мојсовски за 24 Ракомет.

До почетокот на сезоната остануваат уште два месеци. Сепак, тоа е краток период и затоа брзо ќе мора да се најде решение за одигрување на натпреварите. Оттаму многу ќе зависи и од тоа како ќе се одлучи да се играат средбите кои претстојат.