Насекаде се откажуваат спортски натпревари, а во Хрватска се одржа ракометен камп за деца (ФОТО)

Иако се претпоставуваше дека ситуација со коронавирусот во текот на летниот период ќе биде ставена под контрола, очигледно не е така. Насекаде низ Европа се откажуваат натпревари во сите спортови, а екипите во колективните спортови или ги одложуваат подготовките или ги стартуваат со строги мерки.

Камповите на Кире Лазаров, Стевче Алушовски, Андреа Лекиќ и многу други се откажани, но во Хрватска се одржа камп за деца на академијата Балиќ-Метличиќ. Toa беше 13. камп по ред на оваа академија во која освен двајцата прославени ракометари, работат и Далибор Анушиќ, Љубо Вукиќ и Драго Вуковиќ.

Учествуваа вкупно 94 момци и девојки од Швајцарија, Австрија, Германија, Словенија и Хрватска.

„Успеавме да собереме импозантен број на деца веќе 13-та година по ред. Ги одржувавме сите потребни мерки и се грижевме за здравјето на децата, а исто така ги подготвувавме за она што го чека спортот во иднина, а тоа се строгите правила за однесување на спортските борилишта“, вели Петар Метличиќ.