Направен првиот чекор – Расадник повторно ќе биде ракометен храм!

Салата „Расадник“ во скопската населба Кисела Вода, која во минатото беше сведок на неколку големи настани меѓу кои беше и првото полуфинале на Вардар во Купот на победниците на куповите во сезоната 1998/99 беше оставена на милост и немилост на времето и во последните години е нефункционална.

Сепак со последната одлука на Владата, таа повторно ќе стане спортски, односно ракометен храм. Како што пред неколку месеци објави 24Ракомет, салата во Расадник би требало да му биде доделена на прволигашот КЛ7, кој сезонава за првпат се натпреварува во сениорска конкуренција и се наоѓа во конкуренција за место во плеј-офот за Суперлига.

Владата на Македонија, на својата последна седница донесе одлука салите во Кисела Вода и Карпош, како и салите во Куманово и Радовиш, повторно да им ги додели општините, а тие ќе одлучат дали ќе ги дадат под концесија или тие ќе ги реновираат или стопанисуваат со нив.

„На оваа своја седница Владата донесе одлука спортските сали Партизан и Расадник да им бидат вратени на Општина Карпош и на Општина Кисела Вода, спортската сала во Радовиш, како и спортската сала во Куманово и други спортски објекти во овој град, да им бидат вратени на Општина Радовиш и Општина Куманово.  Со овие одлуки, спортските сали се враќаат во владение и на управување на општините и стануваат поблиску до граѓаните и до спортските клубови во локалните заедници со што се отвораат можностите и потенцијалите за нивна поголема искористеност и за развој на спортот и физичката култура. На оваа седница на Владата и формално е потврдена одлуката за давање на трајно користење на популарната спортска сала „Кале“ која после многу години ѝ се враќа на Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија“, се вели во извештајот од седницата на Владата.

За да се имаат потребните услови за извршување на тренинзите, но и за играње на натпревари салата во Расадник ќе мора да биде реновирана, пред се покривот и подот. Откако Вардар престана да игра во Расадник, во оваа сала играа неколку тима, пред се Работнички и Јуниор Кисела Вода, а потоа истата се користеше за други спортови и претежно за рекреација.