Мулти Есенс останува на максимум, одработи рутински против Кичево

Дебитантот во новата натпреварувачка сезона во Првата лига, тимот на Мулти Есенс продолжува во победнички ритам и во натпревар од 6. коло беше убедлив против екипата на Кичево со 41:27.

Ракометарите на Мулти Есенс заедно со лидерот од групата Б, Драчево, моментално остануваат единствените две непоразени екипи во досегашниот тек од натпреварувањето во прволигашкото друштво.

Победникот на овој натпревар беше познат уште по првото полувреме, кое заврши со предност од 19:12 за домаќините.

Вториот дел не донесе никаква промена на резултатот. Гостите поради краткиот ростер немаа доволно сили да му парираат на домаќинот, кој беше подоминантен во вторите 30 минути и дојде до поубедлива победа.

Најефикасен во победничката екипа беше Тодор Узунчев со седум гола. Во поразениот табор се истакнаа Обрен Фичуроски со седум и Дарко Јаневски со шест гола.