Мулти Есенс маршира кон Суперлига, четири екипи во битка за вториот билет за елитата

Прволигашот Мулти Есенс во следната сезона најверојатно ќе биде дел од најсилната конкуренција во Македонија, бидејќи на пет кола пред крајот од прволигашкиот плеј-оф е актуелен лидер на табелата со 39 бодови. Во овој клуб активно веќе се работи на засилувања и во стручниот штаб и во играчкиот кадар.

Вториот тим на Алкалоид, поточно екипата на Мулти Есенс бележи одлични резултати во прволигашката конкуренција. Тимот предводен од Бранко Ангеловски веќе со една нога се наоѓа во Супер лигата.

Мулти Есенс е на добар пат да го повтори успехот на неговиот „повозрасен брат“ Алкалоид, кој во минатата сезона, исто како дебитант, обезбеди учество во македонската елита.

На пет кола пред крајот од прволигашкиот плеј-оф, тимот на Мулти Есенс во однос на двата најголеми ривали Драчево и Аеродром има 11 бодови предност. Мулти Есенс е лидер на табелата со 39 бодови, додека екипите на Драчево и Аеродром имаат по 28.

Дебитантот од пласман во Супер лигата го делат уште две победи. За втората позиција, која исто така носи директен пласман во елитата, се борат Драчево, Аеродром и Младост Богданци, а своја шанса од позадина чека и Голден Арт 2.

Третопласираниот тим од прволигашкиот плеј-оф ќе игра бараж на неутрален терен со шестопласираната екипа од суперлигашкиот плеј-аут.