Мукаетов: Се надевам дека смената на генерации кај сениорите ќе мине безболно

На редовното годишно собрание на Ракометната федерација на Македонија се обрати Претседателот Живко Мукаетов. Тој ги сумираше резултати на двете репрезентации во последниот период.

Најпрво се осврна на машката сениорска селекција и за неисполнетите очекувања од Европското првенство на стартот на годината.

„Машката репрезентација со натпреварите во април и јуни лани успешно се пласира на ЕП 2020, а целта на првенството не ја исполнивме, завршивме на 15 место, ист пласман од претходното СП. И покрај континуитетот од девет години учество на големите натпреварувања, ова не беше посакуван исход. Во овој репрезентативен состав привршува смената на генерации, која се надеваме дека ќе се направи безболно. Она што не очекува се бараж натпреварите, целта е место на СП 2021 во Египет, а ни претстојат квалификации за ЕП 2022 за кои мора квалитетно да се подготвиме“, изјави Мукаетов.

На женската репрезентација и претстои многу работа, да биде подготвена за настапот на Европското првенство на домашен терен.

„Женската репрезентација го комплетираше настапот на претквалификациите за СП со пласман на првата позиција пред Азербејџан и Турција и обезбеди пласман во бараж против Словенија, но не успеа да се пласира на СП 2019. Во периодот кој следи ни претстои крај на квалификациите, во групата за ЕП 2020. Квалификациите ги стартувавме прилично лошо, апелирам на поголем ангажман во клубовите и во репрезентациите. Цел е да имаме коректна база на ЕП 2022 чиј домаќин е Македонија“, заврши Муакетов.