„Мркиќ и Десподовска беа во плановите, но имаат проблем со повреди“

Женската репрезентација на Македонија денеска патува за Словенија, каде ќе го одигра првиот натпревар од двомечот во ЕХФ Евро Купот.

Бековите Зорица Десподовска од полскиот Кобержице и Савица Мркиќ од италијанскиот Ериче, биле во плановите на селекторот за оваа акција, но отпаднаа поради повреди.

„За овој двомеч имавме испратено покани до повеќе ракометарки кои играат во странство како Десподовска и Мркиќ. Но, имаат проблеми со повреди, се вратија во игра, меѓутоа се уште не се 100% спремни. Десподовска е во некој добар тренажен процес, сепак одлучивме да дојде кога ќе биде целосно здрава, исто се однесува и за Мркиќ. Тие се две девојки кои не дојдоа, од она што јас го планирав за овие дуели“, изјави Савевски.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Словенија се игра во Целје на 3 март од 18:00 часот, додека реваншот е во Скопје на 6 март од 18:30 часот.