Младост Богданци ги чува своите деца – четворица младинци потпишаа професионални договори

Тимот на Младост Богданци, откако го реши тренерското прашање во пресрет на новата сезона, активно работи и на формирање на играчкиот ростер. Богданчани потпишаа професионални договори со четворица младинци.

Договори на две години потпишаа 18-годишниот голман Ристе Пешков, како и пионерскиот репрезентативец Стојанчо Наумовски, кој има само 16 години и игра на позицијата лев бек, а богданчани велат дека тоа ќе биде новиот Мите Стоилов.

На двегодишна верност се обврзаа и средниот бек Ѓорѓе Банцалиски, кој беше меѓу најдобрите низ натпреварите од Првата лига, како и Саше Михајловиќ, кој минатата сезона играше и во Суперлигата за тимот на Работнички.

До крајот на оваа седмица, богданчани би требало да ги промовираат новите засилувања со кои ќе се обидат да бидат конкурентни во суперлигашкото друштво.