Младите пелистерци дадоа силен отпор – Еурофарм Пелистер едвај до победа!

Во недостиг на официјални натпревари, ракометарите на Еурофарм Пелистер мора да играат пријателски средби пред стартот на СЕХА лига и Лига на Европа.

Вечерва во Битола, во спортската сала „Боро Чурлевски“, избраниците на Жељко Бабиќ играа против „помалиот брат“ Еурофарм Пелистер 2 и победија со 27-26.

По првото полувреме беше 18-13 за македонскиот претставник во Лигата на Европа, но момците на Александар Јовиќ во 40. минута се доближија на 20-18.

Во финишот намалија и на минус еден 27-26, имаа напад за реми, но не го реализираа и мечот заврши со победа на Еурофарм Пелистер.

Хрватскиот стратег сметаше на сите ракометари, освен Марин Вегар, кој не настапи поради повреда.