Младите добиваат шанса повеќе во подготовките во Бутел Скопје

Екипата на Бутел Скопје веќе неколку дена е во тренажен процес и се работи на враќање на физичката подготвеност на ракометарите така што сите се во ритам за новата сезона.

Во Бутел Скопје мораат да размислуваат и за стартот на сезоната во Лигата на Европа, па затоа мора да се подготват најдобро што може.

„Очекувањата за оваа сезона се екипата да остане на едно високо ниво и младите играчи кои ќе заслужат преку работа и посветеност да добијат многу поголема минутажа и шанса на терен да покажат дали се зрели за понатамошен напредок. Сакаме младите да напредуваат и нормално да учат од поискусните играчи кои веќе се докажани сво своите квалитети. Оваа година ќе биде малку поинаква од претходните што поради пандемијата, што поради тоа што РК Бутел Скпје смета на младите таленти и нивниот напредок. Сакаме и годинава да се најдеме во плеј-офот, но нивата е многу долга и има доста за орање“, вели тренерот на Бутел Скопје, Кристијан Грчевски.

Тој во подготовките планира да им даде повеќе шанса на помладите за да има подобра слика и да знае на кои од нив може да смета кога ќе почне сезоната.

„Сега засега се подготвуваме на отворено, па ќе следува влегување во сала каде што ќе почнеме полека со подготовките за настап на струшкиот турнир каде што шанса да играат ќе добијат сите ракометари. Ова особено важи за помладите кои ќе треба да се докажат и да докажат дека имаат место во оваа екипа и дека можам да сметам сериозно на нив. Оваа година ќе биде нивна година“, коментира Грчевски.

Противник на Бутел Скопје во Лигата на Европа е унгарскиот Ѓенѓеш, а ова ќе биде сериозна пречка на патот кон 2. коло.