Митревски го одбрани Еурофарм Работник, главен виновник за предноста на полувреме

Екипата на Еурофарм Работник води со 14:13 на крајот од првото полувреме против Татран Прешов во 5. коло од Лигата на шампионите, а еден од главните виновници е голманот Никола Митревски кој со девет одбрани од кои повеќето зицери помогна и тоа многу во добивањето на првите 30 минути против тимот од Словачка.

Од почетокот на натпреварот домашните наметнаа свое темпо. Гостите поведоа после 40 секунди игра, но одговорот беше со три погодоци на Еурофарм Работник, па оваа предност од два погодока се чуваше во продолжение. Никола Митревски уште еднаш имаше одлично издание и тој ги водеше своите колеги кон позитивен резултат. Сепак, не можеше да се направи поголема предност од два гола.

Во 10. минута гостите стигнаа до израмнување на 5:5, но одново Митревски помогна да се дојде до 7:5. Тука се разбрани и гостинскиот голман Марио Цвитковиќ, кој успеа да запре неколку напади на ракометарите на Еурофарм Работник. Од него и дојде новата шанса за реми кое дојде после 21. минута игра кога беше 9:9.

Битолчани и во продолжение успеваа да бидат во предност, но веќе не беше така сигурно бидејќи гостите од Словачка секогаш израмнуваа. Во таква игра во 27. минута успеаја и вторпат да поведат на оваа средба, а тоа го направија при 12:13. За една минута, Еурофарм Работник одново го сврте мечот во своја корист. Прво Граџан, а потоа и Остроушко со акција од гол на гол донесоа погодоци за 14:13, а овој резултат остана и на крајот од првото полувреме.

Митревски има девет одбрани, додека Остроушко е најефикасен со пет гола. Зад него во првиот дел се: Граџан (3), Стјепановиќ (2), Радовиќ (1), Маџовски (1), Шевелев (1) и Јотиќ (1). Кај Татран Прешов, Цвитковиќ има седум интервенции, а Рабек е најпрецизен со пет гола.