Митревски во форма, Порто до нова победа

Екипата на Порто каде што настапува Никола Митревски продолжува без грешка во домашното првенство и во 8. коло без проблеми оствари нова победа на гостувањето кај Брага со 33:24.

Митревски уште еднаш имаше стандардно добро издание на голот и даде голем придонес во победата на својот тим. Репрезентативниот голман на Македонија забележа осум интервенции со 28% одбранети удари.

Порто после првото полувреме имаше четири гола предност кога водеше со 18:14. Во вториот дел со поубедлива игра ракометарите на шампионот на Португалија запишаа нови бодови.

Со овој триумф Порто останува на врвот на табелата заедно со најголемите конкуренти Спортинг и Бенфика со по осум победи од исто толку натпревари. Во следното коло Порто ќе игра на домашен терен против Гаја, додека ривалите Спортинг и Бенфика ќе го играат првото дерби сезонава.