Митев: Сонувам еден ден да го облечам сениорскиот дрес на Македонија

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

Организаторот на играта на Бутел Скопје, Марко Митев, имаше одлична полусезона и се наметна кај тренерот Кристијан Грчевски. Митев ги имаше за конкуренти Теодор Тодески од Металург, Мартин Ивановски од Охрид, Даниел Андоновски од Прилеп и Емилијан Ѓорговски од КЛ7, а ракометарот на Бутел Скопје успеа да освои 8.908 гласови и да биде на првото место.

„Имајќи во превид дека 24Ракомет е еден од најчитаните портали во нашата земја, можам да кажам дека за мене пред се беше огромна чест што се најдов на листата за избор на најдобар млад играч во есенската полусезона. Гласовите на читателите и освоеното место во идеалниот тим ме направија исклучително горд и среќен и со тоа предизвикаа кај мене уште поголема одговорност да го докажам и оправдам понатаму преку моите настапи она во што читателите верувале додека гласале“, вели Митев за 24Ракомет.

Средниот бек открива како започна неговата ракометна приказна.

„Мојот ракометен пат започнува пред 9 години и моите почетоци во ракометот се во Аеродром. Талентот за ракомет во мене го препозна тогашниот тренер Горан Стојков со кого се случија и моите први ракометни чекори, а за ова што сум денес најголема заслуга има мојот прв ракометен тренер Дарко Петровски. Во тоа време еден од тренерите од кои учев беше и Слободан Чивлачки“, вели Митев.

По неколку сезони во прволигашката конкуренција, Митев сега игра едно ниво погоре – во елитната конкуренција.

„Во Аеродром се градеше целото мое ракометно искуство (пионерска, кадетска и прва лига). Ние како екипа секогаш и во пионерските и во кадетските лиги се натпреварувавме чекор понапред од нашите врсници, бидејќи во тоа време ние игравме против 4 години повозрасни играчи од нас. Огромно ракометно искуство стекнав со учеството и натпреварите во Првата лига во која игравме две години по ред и тогаш имав можност на теренот да се соочам со екипи кои денес се влезени и ги играат своите натпревари во Супер лигата. Учеството во овие лиги беше од исклучителна важност за мене и токму тука имав можност да го изградам мојот стил на игра по која и денес сум препознатлив. Предизвикот наречен Супер лига се случи во јуни 2020 кога го потпишав мојот прв професионален договор со Бутел и можам да кажам дека постои една одлична спортска атмосфера помеѓу нас помладите и поискусните играчи во клубот. Суперлигата е предизвик за секој млад ракометар, а лично за себе сметам дека кога имаш до себе успешни и искусни играчи многу полесно можеш да напредуваш и да се соочиш со предизвиците кои ги носи оваа лига“.

Младиот играч вели дека секојдневно учи по нешто ново од поискусните играчи во тимот на Бутел Скопје.

„Можам да кажам дека привилегија е да се учи од играчи како што се Печенковски и Ѓорѓиевски. Тие се долги години во оваа лига и имаат огромно искуство зад себе на оваа позиција во ракометот. На тренинзите кои ги имаме преку целата недела по два пати дневно, секојдневно од нив учам многу и советите се секогаш добредојдени. Кога сево ова ќе се надополни со натпреварите кои ги играме во Супер лигата напредокот и успехот се неминовни“, продолжува Митев,

Како и сите млади ракометари, така и Митев сонува еден ден да заигра за сениорската репрезентација.

„Сметам дека да се биде репрезентативец е голема чест и пред се огромна одговорност која мора да се оправда на теренот. Сон на секој млад ракометар е да го облече сениорскиот дрес на Македонија. Со упорност, пожртвуваност и работа сметам дека многу скоро овој сон ќе ми се исполни и мене и ќе ја добијам таа одговорна задача да ги бранам боите на мојата земја и да бидам достоен сениорски репрезентативец на Македонија“, вели Митев.

Бутел неколку години е во врвот на македонскиот ракомет и игра во европските купови.

„Што се однесува до моите настапи во рамките на есенските настапи, можам да кажам дека сум задоволен бидејќи од натпревар во натпревар чувствував поголема сигурност во својата игра. Задоволен сум од минутажата која ја добивав од тренерот и сметам дека успеав да ја оправдам истата, а тоа е за мене и поттик уште повеќе да се борам за понатаму. Екипата на Бутел во последните неколку години редовно се наоѓа меѓу екипите на врвот на табелата од Супер лигата кои претендираат за учество во Европските лиги. И оваа година, заедно со тренерот Кристијан Грчевски нашата цел е обезбедување учество и натпреварување во Европа. Во пролетниот дел од сезоната и плејофот не очекуваат средби со Вардар, Пелистер и Металург. Самиот факт дека ова се тимови по кои е препознатлив ракометот во Македонија па и надвор од неа, кога се игра со нив секогаш е присутно чувството дека играш против докажани и силни екипи, а тоа те тера да го дадеш својот максимум од себе во играта за да победиш. Ракометот се игра 60 минути и никогаш не се знае победникот однапред“, вели Митев.

Средниот бек со играта малку потсетува на Филип Миркуловски, кој долги години беше неприкосновен во сениорската репрезентација.

„Сличноста со играта на Филип Миркуловски ја имам слушнато за себе и од многу други звучни имиња во македонскиот ракомет. За мене ова е исклучителна чест и јас можам слободно да кажам дека би бил пресреќен да го достигнам неговото ниво во мојата ракометна кариера. Ќе работам пожртвувано и упорно на тоа, но и да бидам дел од тимот кој на Македонија ќе и донесе прв медал од некое Европско и Светско првенство“, заврши Митев.